Рeфлексии за уметничките практики и процеси || Reflections on the artistic practices and processes

со  Теодора Ежовска и Биљана Тануровска-Ќулавковски

Биљана: Теодора Ежовска, која имав задоволство да ми биде студентка, а сега е и моја соработничка, е уметница која веднаш се вклопува во соработничкиот простор, каде се втурнува со цел здив, од каде испливува со безброј споделени и нови продуцирани и архивирани знаења кои внимателно и критички ги промислува низ својата работа. Таа брзо се смести на мапата на новите и возбудливи уметници кои творат во полето на современиот танц во земјава. Остроумно следи сè што надоаѓа, детално го прегледува новото, се внесува и внимателно одбира што ќе постане дел од неа, нејзината соматика и телесна политика, односно нејзината уметничка практика. Се движи промислувајќи го значењето на движењето, додека зборува со телесните архиви и релационите проблеми што ги поставува во кореографиите. Ова мало интервју е со цел да позборуваме со Теодора за нејзините овогодинешни нови „впишувања“ во нејзината практика, коишто ги направи заедно со Локомотива преку неколку работилници, резиденции и ателјеа, меѓу кои: Ателјето на мрежата Европски танцови куќи со наслов “The Body of Skills and Opportunity: Equity Through Embodied Practices” што се одвиваше во Ротердам и Амстердам, потоа резиденцијата во Загреб на Номад Танц Хрватска, којашто се оствари преку проектот (Non)Aligned Movement, како и две неделната резиденција во Париз – работилници насловени CAMPING, а организирани од еден од најпознатите центри за танц во Франција, CND Париз (Национален центар за танц). Исто така, интервјуто е со цел да зборуваме со Теодора за тоа како таа размислува да твори понатаму и како ќе ја развива својата уметничка практика..

Работилница во Загреб | Nomad Dance Academy

Би сакала да го започнам разговорот во насока на твое промислување за тоа како се спојуваат минатото и иднината и соработката во твојата практика. Имајќи предвид дека веќе зад себе имаш завршен факултет за современ танц и педагогија, а имаш и соработки со кореографи од земјава, како и со меѓународно истакнати кореографи, како гледаш на соработките, на можностите да бидеш дел од некоја нова размена, школа или резиденција?

Теодора: Првенствено, сакам да ви изразам голема благодарност за сите соработки и за можностите што ми ги дадовте во изминатиов период. Работејќи со Локомотива и со кореографи во нашата земја, како и на меѓународно ниво, доживеав неверојатно вдивување и обогатување на мојата уметничка кариера. Вашата посветеност кон современиот танц и вашата способност да се вклопите и да функционирате во различни контексти се вистински впечатливи. Имам среќа да бидам дел од големи програми на меѓународно ниво, како што се работилниците и резиденциите во Ротердам, Амстердам, Загреб и Париз. Ова доживување ми овозможи не само да се впуштам во различни аспекти на современиот танц туку и да ги разгледам можностите за соработка со уметници од различни култури и контексти. Сметам дека оваа размена на идеи и искуства е од критичка важност за развојот на уметноста и за проширување на моите граници како уметник.

Како слободна уметница, со завршен Факултет за музичка уметност, насока современ танц, во нашата земја се соочувам со многу предизвици и ограничувања. Можности како овие што Локомотива ги нуди на уметниците се од витална важност за нашето развивање и за проширување на нашата уметност. Исто сметам дека како уметници, никогаш не сме завршени со учење и истражување, независно во која насока сме се определиле, секој нов опит и соработка нè обогатува и нè надградува како уметници, па така секогаш се трудам и се радувам за секој нова размена, резиденција и школа, затоа што тоа само по себе претставува обогатување на искуство, знаење и созревање како уметник, а секоја соработка придонесува за подигнување на уметничкиот контекст и креирање нови можности на изразување.

„The Body of Skills and Opportunity: Equity Through Embodied Practices“ – Rotterdam

Биљана:  Локомотива се стреми да им овозможи на младите автори достап до новите промислувања во танцот, одредени проблематики и теми кои се рецентни и релевантни, и да го следи нивниот авторски развој односно да промислува за нивните уметнички практики со грижа. Дали сметаш дека овие соработки, кои оваа година ги имаше со нас, се доближуваат до нашата цел, и како?

Теодора: Сметам дека соработките што ги имав со Локомотива оваа година се израз на активната ангажираност на организацијата во одредувањето на новите промислувања во танцот и релевантните проблематики. Преку работилниците и резиденциите во различни меѓународни градови, како и преку внимателниот избор на уметници и креативни проекти, Локомотива ми овозможи да се сретнам со различни култури и стилови во современиот танц.  Гледано од моја перспектива, овие изминати искуства и соработки на меѓународно ниво допринесоа кон мој личен и уметнички раст, но и донесоа свежи и рецентни перспективи во мојот творечки процес. Целосно се посветив на значењето на глобалната уметничка заедница и се чувствувам подготвено да ги истражувам новите хоризонти и теми во мојата сопствена уметничка практика.  Па затоа сметам дека овие соработки се одличен начин и можност што ве доближува до вашата цел како организација и стремежот да ги остварите креативните потенцијали во современиот танц.

Работилница „Camping“ во Париз

Биљана: Дали сметаш дека уметничката практика може да се артикулира преку спојување на физичките, односно телесните вежби со дискурзивни и теориски програми, или алатки, и ако да, како тие се спојуваат и делуваат во развојот на уметничката практика?

Теодора: Како млада уметница, сметам дека есенцијалноста на физичката практика во танцот е неоспорна. Телесната изведба е срцевина на танцовата уметност и креира искуство кое влијае директно на гледачите и на самиот уметник. Сепак, исто така, сметам дека теориската анализа и дискурсот се споени со неа и имаат своја неопходност во градењето на уметникот во целосна смисла. Преку дискурзивни програми, уметниците се поттикнуваат да го размислуваат истражувањето на сопствените концепти и да ги анализираат своите творби во контекстот на современата уметност и култура. Исто така, теориските алатки и анализата им обезбедуваат на уметниците софистицирано разбирање на контекстот, на историјата и на концептуалните аспекти на танцот. Теориската длабочина им овозможува на уметниците да го разгледаат своето творештво во поширок социо-културен, политички, економски контекст и да се впуштат во дискусии за значењето на современиот танц и уметноста во општеството и во целина. Поради тоа, сметам дека физичката практика и споделувањето на мудроста на телото одат рака под рака со теорискиот дискурс, за создавање на зрели, темелни и проактивни уметници кои го прошируваат уметничкиот контект со својата креативност и знаење.

Биљана: Ние со Локомотива, заедно со нашите колеги од театар Навигатор Цветко, го реализиравме проектниот простор Кино Култура (2015-2020) и по подолго време изведувачката современа уметност имаше простор, а за некои беше и дом. За жал, не наидовме на поголема поддршка дома, иако Кино Култура како иницијатива беше препознаена и поддржувана од колегите насекаде. Дали сметаш дека треба да се обидуваме повторно да направиме дом за современите изведувачки уметности, за современиот танц, иако не наоѓаме поддршка и разбирање? Дали тоа на уметниците ќе им помогне, ќе им овозможи базични услови за работа кои сега ги немаат и што би значело за тебе?

Теодора: Сметам дека создавањето дом за современите изведувачки уметности е критично важно, особено за уметниците од независната уметничка сцена, иако Кино Култура се соочи со предизвици во добивањето поддршка и разбирање. Оваа иницијатива значително придонесе во овозможување простор каде што креативноста и иновацијата можеа да процветаат. Имено, создавањето творечки простор како Кино Култура овозможува на уметниците да ги развиваат своите творби како одговор на современите предизвици и теми. Ова е особено значајно за уметниците од независната сцена, бидејќи често се соочуваме со ограничувања и предизвици во добивањето поддршка од институционалните канали. Затоа, посебно како млад уметник, сметам дека е од круцијално значење потребата за простор каде што уметниците во полето ќе можат да се изразуваат и да добијат основна поддршка, што ќе им влее надеж и ќе ги охрабри за можностите со кои тие се соочуваат кај нас и дирекно ќе рефлектира на развивање на културниот и уметничкиот живот.

Резиденција во Загреб, Non Aligned Movements

Биљана: Локомотива работи со уметници, но и со теоретичари и драматурзи, куратори… правиме напори низ различните перспективи да ги рефлектираме новите појавности во современиот танц. Дали сметаш дека овде кај нас има интерес да се следат тие појавности, и како уметница, што е нешто што од другиве перспективи те прави љубопитна?

Теодора: Интересот да се следат новите појавности во современиот танц е од исклучителна важност за развојот на уметничката сцена. Современиот танц се карактеризира со постојана иновација и експериментирање со нови концепции и техники. Како уметница, сметам дека е важно да се биде љубопитен и отворени кон овие појавности, бидејќи тоа ни овозможува да ги обогатиме своите творечки процеси и изразот. Соработката со драматурзи и куратори може значително да придонесе во откривање нови тенденции и отворање различни перспективи. Затоа, развивањето на инклузивни места за дијалог помеѓу уметниците и теоретичарите може да има значително влијание на современиот танц и на целокупната уметност.

Биљана: Што сметаш дека недостасува во полето на современиот танц кај нас, според тебе?

Теодора: Нашата земја претставува плодна почва за развој на современиот танц и гледам голем потенцијал за внесување свежи погледи и иновативност во пристапот како за креација, така и за педагогијата. И сметам дека за внес на шареноликост и сестраност во репертоарот што го согледуваме треба да се посвети внимание и фокус на автентичноста на сите автори и изведувачи затоа што само така ќе имаме спектар на богато творештво. Како нешто што недостасува би одвоила дека никогаш нема да биде малку, кога повеќе ќе се поддржуваме и почитуваме меѓу себе на уметничка релација, затоа што само така сметам дека се создава здрава и солидарна уметничка заедница.  Исто така, за креативниот развој во областа на современиот танц потребно е повеќе финансиска поддршка и раст на свеста во јавноста за значењето и уметничката вредност на современиот танц.

Биљана: Да можеш да избереш драматург со кој би работела, кој би бил(а) таа/тој?

Теодора: Ако треба да изберам драматург, би сакала да работам со почитувани и талентирани луѓе како што се Лучила Трапацо, драматург и поетеса од Италија, со која имав можност да работам на проектот “Разговори со Сара,” интердисциплинарен перформанс посветен на Сара Каин. Исто така, претстои нова соработка за проектот “Траги”, во кој јас ќе ја имам улогата на кореограф и изведувач, а во чевлите на драматург ќе биде Кристина Тодороска Петреска.

Во суштина верувам дека од секоја нова соработка и соработници може да се научи и да се отворат нови видици на реализација на визија и идеја, и сум отворена за соработки со уметници од различни позадини и искуства, бидејќи сметам дека креативноста и имагинацијата се неограничени и дека секој може да придонесе за интересни и иновативни проекти.

Национален центар за танц (CND), Париз

Биљана: Резиденцијата во Хрватска е последната оваа година, а на која присуствуваше откако беше селектирана на отворен повик како дел од проектот (Non)Aligned Movement. Што работеше таму?

Теодора: Резиденцијата како дел од програмата на Nomad Dance Croatia и проектот (Non) Aligned Movement, која се реализираше од 16ти до 21ви октомври во рамките на Карловац Dance Festival, за мене претставува доста значајно искуство кое ми даде простор и ресурси за почеток на мојата нова креација La lola/the one that knows. Во текот на едно неделната резиденција се посветив на разработување на концептот за делото што опфаќа истражување и обединување на разновидниот и моќен женски глас како средство за изразување и истражување на женскиот идентитет. Проектот се фокусира на доловувањето на неговата нежност, молк, и креативност, истакнувајќи го како сила што гo пробива четвртиот ѕид и изразува многу аспекти на женската емоционалност и силата на жените против заборавот.

Самиот наслов, како референца доаѓа од познатиот роман “Жената која трча со волците”, од Клариса Пинкола Естес, кој го опишува перформансот и метафоричните ѕидови околу женскиот глас и неговата сила да ги сруши, да ги брише границите, да биде носач на силна порака, надеж и соединување.

Па така, во рамки на резиденцијата имав една недела исполнета со изобилство на теориско  и физичко истражување проследено преку импровизација. Во предeн фокус беше експериментирање нсо творечки материјал, низ низа тематики адекватни на самиот концепт, како: Секојдневни движење; Stillness and Softness  / Истражување на границите на телесната отвореност, прифаќајќи моменти на мир и откривајќи ја нежноста која лежи во движењето; Image, Eyes, and Focus/заемната врска на имагинарни и физички слики поврзани со субјектот, опфаќање на улогата на очите во водењето на движењето и значењето на фокусот во уметничкиот израз. Time+ Space+ Proximity/  истражување на динамичните односи помеѓу време, простор и близина, со акцент на тоа како овие елементи влијаат на креативниот процес; Micro, Medium, and Macro Form/  ангажирано истражување на импровизирачки форми, од микро перспектива – скала на детални движења, до средни форми кои вклучуваат секвенции и макро форми кои вклучуваат целосни настапи.

*Тука би издвоила  благодарност до сите кои беа вклучени во реализација на фестивалот и самата резиденција, особено до Александра Јанева, Мелита Спачиќ и нејзиниот тим, Кораљка Бегович и секако Номад Танц Академија.

Биљана: Дали твојот роден град Струга го гледаш на мапата на современ танц, и како? Јас некако секогаш го замислував како една голема резиденција за танц, покрај Дрим, па покрај езеро, па да се направат студија, две барем, и цел свет да врволи… како за Струшки вечери на поезијата, ама Струшки денови на танц, може да бидат и недели, месец… Што мислиш за ова, или за нешто друго?

Теодора: За мене, Струга е град на уметноста кој сам по себе носи голем потенцијал за креирање и споделување во областа на современиот танц. Мене секогаш ми е драго да видам како градот во кој што сум родена станува место кое ќе ја вдоми мојата љубов кон танцот. Верувам дека во историскиот и природниот контекст на Струга може да процветаат современи уметнички иницијативи, самата локацијата и инспирацијата од природата и културата на Струга може да обогатат креативни проекти и да го промовираат современиот танц како дел од културната понуда на градот.

Би било значајно да се види како Струга може да се развие во центар на современиот танц и во  место каде што уметниците од цел свет можат да се инспирираат и да ги споделуваат своите таленти и идеи, било да е тоа во формат на резиденции, работилници за млади, или фестивал со интернационална програма. Постепено со посвета и континуирана работа но и едукација на самото опшество за значењето на изведувачките уметности, мислам дека Струга претставува плодна почва за креативност и творештво од различен спектар.

Биљана: Ти благодарам Теодора за времето, за споделената сегашност и би рекла и иднини кои ги промислуваш. Се надевам дека сите твои промислувања ќе ги сведочиме и ќе имаме можност и натаму да рефлектираме за нив.

Резиденција во Загреб, Non Aligned Movements

Интервјуто е дел од програмата на Локомотива – Колабораторијаистражување и продукција на уметнички, кураторски и теориски практики.