Кон перформансот на НАМ КореоЛаб, КАКО ШТО СЕ РИМУВА СО НЕ – НЕ не се повторува. Но се римува. (2024)
од Ивана Јовановска
Си го набљудувам телото како неподготвено застанува во фоајето на МСУ. Има неколку моменти да се стопи со другите, да воспостави некаква интеракција и да се почувствува пријатно. Сакам да гледам перформанси заради можноста токму таа телесна згрченост да се подзаборави ако доволно се втурнеш во него, потенцијално да се трансформира во некакво истражување на себе и за момент, да се почувстуваш трогнат и подалеку од сопствената глава. Ме вознемируваат од истата таа причина, од таа измрданост која го руши котинуитетот на комформизам и грч, што секако, ми е важно. Кон што цели телото кое набљудува вечерва? Неврзаност како Југославија? Неврзаност како слобода? Неврзаност како простор за истражување и практика на континуирано растење? Сè тоа во едно, микс од практики, очекувања, теории, стихови и разговори – мечта за хоризонтални структури кои излегуваат од сопствените шаблони. Или можеби за нови, трети, неврзани можности, НЕ помеѓу избирање на Америка или Русија, НЕ помеѓу империјализам и колонијализам, НЕ помеѓу војни и насилни истории.
Историското потсетување на Движењето на неврзаните и неговото позиционирање не е само современа тенденција за да се потенцира југоносталгичарството и копнежот кон минатото, туку потреба за преиспитување на многу (политички) положби со импликации на многу нивоа. Филозофското поставување и преиспитување на тоа што значи припаѓањето, враменоста, слободата, практиките за замислување поправедни и посмели светови кои ќе го истражуваат секое не секое анти како форма на отпор и нивната сила – таму се постулатите на новото на можно, новото утре, на кое беше фокусиран перформансот Како што се римува со не, не се повторува. Но се римува.
Праксите кои се преиспитуваат преку овој перформанс се токму на таа линија. Хуманистиката и кризите на денешницата константно повикуваат на реобмислување на воспоставените дискурси преку кои е обликувана сегашноста во нејзината најполитичка и најчовечна смисла, па оттаму, можностите на соработка кои враменото минато го ослободуваат во сегашноста како контекст, се многу значајни. Оттаму, (пост)југословенското наследство како отворен простор за трансформација на сегашноста, го нуди токму тоа – замислување на послободни, подобри заедници кои се трансформација на дискурсите и отворање на можностите врз база на солидарноста, искуството и историјата кои чекаат подобри времиња и нова, важна контекстуализација.
Изведбата се развива како специфична мешавина на перформативен есеј, танц и директен ангажман со публиката, проткаен со елементи на спекулација, филозофија, политика и мечтаење. Ова соединување создава интригантен отворен простор помеѓу гледачот и изведувачите кој го размислувам подолго. Како набљудувач, се најдов себеси како се движам низ оваа празнина, поттикнувајќи размислувања за природата на искуството, на моменти поврзана со дејството пред мене, на моменти и со осаменост. Оваа изведба се спротивставува на еднодимензионалната интерпретација, што ми се допаѓа и ме предизвикува; наместо тоа, го поканува гледачот да се справи со една специфична амбивалентност што понекогаш го проникнува целото гледачко искуство, која во други моменти се трансформира. Тоа е можност за поголема критичка слобода на гледачот кој поминува низ различните фази од тоа гледачко искуство во доста различни емоции. Кон ова се приклучуваат постапките на инволвирање на публиката, поканети да размислуваат и разговараат за нивните искуства со концепти како „неприпаѓање “ и „неврзаност“ од нивна перспектива. Оваа изведба, со сите вклучени елементи, практично ја гледав низ неколку фази во кои моето искуство како гледач варираа, што го сметав и сметам за сосема валидно, барем од насока на тоа дека уметничките изведби нужно мора да предизвикуваат критичко поместување на рамнодушноста со која гледањето на некоја изведба започнува. Во мојата интерпретација, перформансот создаден како постмодернистички колаж прикажа тенденции на современата постмодерна уметност и нејзините тенденции. Меѓутоа, изведбата предизвика и чувство на интелектуална несигурност, особено кога различни драматургии, практики и можности се вкрстуваа додека размислуваа за минатото во однос на потенцијалната иднина, што отвора потенцијал во насока на тоа како може да се зацврсти и суштински да се доближи вистински до гледачите. Верувам дека самиот перформанс имаше проникливост и капацитет да го искористи потенцијалот на историјата, хуманистиката и уметноста кон некаков уметнички процес кој не само што деконструира, туку и е насочен кон истражување можни решенија и замисли во контекст на посмелите светови и нивните истории, што беше очекувањето кое му беше потребно на моето гледачко искуство.
Теориско-перформативното истражување на Другоста е актуелно и во светски рамки, имено, фокусот на современата уметност и истражувања сè повеќе се фокусираат и отвораат кон разгледување на нелагодноста, истражување на новите пракси за подобар, поправеден и почовечен свет, што е многу значајно не само за градењето архиви на солидарни пракси, туку и за напредокот на заедниците во секоја смисла. Должноста, која се наметнува во оваа смисла, не само на индивидуалците, туку и на уметничките алтернативни колективи е да работат и да се ангажираат токму во поглед на таа свест која може да црпи од искуствата на минатото за градење на постабилна иднина, согледувајќи го загрозениот свет денес и трагичната положба на многу маргинализирани групи. Ширењето на сопствените видици преку темелно реконструирање на концепти кои се веќе длабоко втемелени во нашите кодови, токму како идејата на перформансот, имаат суштинско значење за преиспитувањето и можното ново создавање, преку создавање бесконечно нови прашања каде се отвора просторот за размислување и полемика и со себе и со другите. Оттаму, важно е да се градат пракси кои континуирано ќе се обидуваат посуштински да навлезат во истражување на концептите на Нас наспроти сè отаде колку што може потемелно, што како концепт, го поздравувам и е присутно во оваа изведба во голема мера.
Конкретно, овој перформанс за мене, ја отвори дискусијата за важноста на врската која се гради со гледачот, не преку директната комуникација, туку напротив, преку сè останато, односно, начинот на кој, суштествено важни теми за новите пракси и светлогледи ги презентираме пред јавноста и комуникацијата која ја градиме со нив. Oдносно, ми отвори покана за размислување околу односот на интелектуалната длабочина и суштинска порака која треба да се пренесе на поширока публика и начинот на кој тоа ќе се направи преку теориската експлорација, што го понесувам со себе како размисла од целата изведба. Беа истражувани важни практики и теми на можностите на новите, подобри заедници како солидарноста, неврзаноста, отпорот – што го ценам како напор, кој отвори еден празен простор во кој очекував надминување на филозофската апстракција, што во некои моменти одлично функционираше преку некои од обидите за поврзување со публиката, иако не целосно. Останувам со впечатокот дека изгледав специфичен креативен предизвик кој има потенцијал, чија експерименталност е видливо доминантна, провокативна, потребна и може да се доразвие на уште нивоа.
За авторката: Ивана Јовановска (1998, Скопје) е авторка, компаратистка и истражувачка од Скопје со студии на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Авторка е на стихозбирките „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации) и „Номадски затвори“ (2023, ПНВ Публикации). Нејзините песни се често објавувани во периодиката и преведени се на германски, грчки, англиски, хрватски и словенечки јазик. Членка е на европската поетска платформа ,,Версополис”. Нејзините текстови може да се прочитаат на повеќе онлајн медиуми како ,,Трн” и феминистичката платформа ,,Медуза”. Учествувала на повеќе интернационални фестивали како во земјава, така и во странство, меѓу кои: интернационалниот поетски фестивал ,,Лезеленц” (LeseLenz), книжевниот фестивал ,,Стих у регији” (Stih u regiji), Поетска ноќ во Велестово, Скопскиот поетски фестивал, на Струшките вечери на поезијата и на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“ и многу други. Во 2024 година, на Саемот на книга во Лајпциг,беше претставена како авторка со поддршка на ТРАДУКИ. Нејзини песни се застапени во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (2023, ПНВ Публикации) и во „САМОДИВИ: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска (2023, Поетска ноќ во Велестово), како и во „Македонска љубовна лирика“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (2024, Матица македонска).
НАМ КореоЛаб КАКО ШТО СЕ РИМУВА СО НЕ – Не не се повторува. Но се римува. (2024) / перформансот се изведе како дел од Перформанс Платформа Фестивал Локомотива и МСУ Фестивал на перформансот (Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија.