„Дијалогот кој недостасува“
Текст за премиерата на „Ми треба ново тело” текст на Елизабет Колевска
28 ноември 2022, понеделник
Како дел од програмата „Кореографирани тела“ на Локомотива, и изведувачката програма на јубилејното десетто издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во рамки на 47-то издание на МОТ, се одржа премиерата на танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на кореографката и изведувачка Викторија Илиоска.
„Ми треба ново тело“ е дело на младата кореографка и изведувачка Викторија Илиоска која живее и работи помеѓу Северна Македонија и Германија, каде што всушност магистрира на одделот по Кореографија и Перформанс на Институтот за применети театарски студии на Универзитетот Јустус Либиг. Таа и во ова дело, како и во нејзините претходни, ги истражува односите меѓу поимите за идентитет, женската енергија, женската изведбеност и застапеноста на жената во јавната сфера. Со овој најнов перформанс оди чекор понатаму, прикажувајќи и отвoрајќи се пред својата домашна публика со теми кои не се толку застапени, конкретно на нашето географско подрачје.
Изведбата на „Ми треба ново тело“ од страна на самата Викторија Илиоска, заедно со нејзината соработничка Настја Ѕубан започна рушејќи ја бариерата помеѓу нив како изведувачки и публиката. Викторија и Настја ја пречекаа публиката, поздравувајќи ги гостите и правејќи минимална конверзација со нив. Целта на овој чин преставуваше доближување до публиката и донесе чувство на „гостопримливост“, како пречек и „добредојде“ во нивниот свет. Во почетокот беа поставени неколку прашања (задачи) од нивна страна, со цел да ја ангажираат публиката. Прашањата што беа поставени беа наговестување за она што следува, суптилно нагласувајќи неколку клучни елементи: дишењето, негово насочување и поимите „soft and solid“ (нежно/тврдо). Публиката можеше да се идентификува себеси како „soft“ или „solid“. Овие два поима понатаму се задржаа и развиваа низ дејството преку соматски истражувања, телесни положби и кореографски и драматуршки решенија. Остатокот од изведбата не вклучуваше директна интеракција со публика, но изведувачките индиректно – преку „специфичен поглед“, креираа и побаруваа „фидбек“ од неа.
Разгледувајќи го просторот на одвивање на дејството, треба да се напомене „белилото“ во кое бевме визуелно обвиени. Сценскиот простор, подот, млекото на подот се елементи кои со својата бела боја ја нагласуваа „мекоста и нежноста“ и асоцијативно нè поврзуваа со тој „внатрешен свет“ кој полека се отвораше пред публиката. Изведбените тела започнаа со своето движење во бавно, развлечено темпо, прикажувајќи едностави движења и позиции проследени со бавно или брзо дишење. Млекото и чашките кои наликуваа на женски гради, ја потенцираа женската енергија која доаѓаше од сцената и семиолошки не поврзуваа со чувството за негување и грижа. Телата на сцена сами по себе зборуваа за спецификата на родовиот идентитет, кој е засебен, индивидуален, личен, што воедно му ја дава слободата да остане таков, без потребата да биде реторички или миметички. Во исто време, задржувајќи го бавното минималистичко движење[1], изведувачките преку индивидуализираните, но истовремено слични тела, прикажуваа слики за надворешни бихевиорални содржини. Трансформативноста минуваше низ тела кои личеа на антички фигури или одредени историски карактери, балетски и танцови пози и слики, до современи и концептуализирани ликови од реалноста кои го споделуваат својот интимен момент на бесконтактно сплотување и екстаза. Млекото и надворешното белило го сменија својот контекст. Белилото ја изгуби својата чистота, валкајќи се од претходно белото и чисто млеко, кое сега доби улога на телесна течност разлеана по истата таа надворешност. Сексуалноста беше проткаена низ дејството, но телата во ниту еден момент не беа во физички контакт. Динамичките промени на дишењето зборуваа за тоа како здивот може да се трансформира, односно да биде индивидуален, синхронизиран или да претставува акција-реакција.
Две тела во сценскиот простор и две енергии кои се разликуваа една од друга, но истовремено надополнуваа. Викторија претставуваше една силна и доминантна фигура, која поседува моќ во своето телесно изразување и изразена мускулеста и атлетска градба, додека кај Настја се чувствуваа промени на „in and out“, присутност и барање, женственост и излегување од истата. Овој дел се заврши со користењето на различни пози и форми на насмевка. Насмевката на лицата кај изведувачките беше миметичка, пресликана, хиперболизирана, несигурна, скромна, пригушена. Секоја една поза или форма на насмевка беше насочена кон публиката, не претставуваше комуникација или дијалог, туку повеќе надворешен приказ на нешто што треба да биде видено однадвор, но истото е променливо не поради внатрешниот ритам, туку поради надворешно прифатените норми.
Промената се случува со стационирањето на изведувачките тела и развојот на нивната меѓусебна дискусија. Дискусијата беше вербална, но говорот беше во формата на lip-sync (плејбек). Од практичен аспект, снимениот звук ја олеснува изведбата, но истовремено и придава едно ново значење, ја носи улогата кон преигрување. Користењето на гласовите кои не се гласови на самите изведувачки, уште толку го засилува ова чувство. Од перформативен аспект, предизвикот доаѓа при обидот да се прикаже овој говор преку телесни гестикулации и експресии на лицата, односно повторно да се доживее и преземе една веќе готова постоечка содржина. Во говорот се напоменуваат зборовите „pumping“ и „sucking“ кои прикажуваат разновидна палета за нивното разбирање и примена, како и контекстуална или физичка употреба.
По овој дијалог, Викторија и Настја се облекуваат во костими на две бодибилдерски тела. Тие на вртечки платформи ја презентираат својата нова надворешна форма, покажувајќи го своето тело како тело изложено за надворешни восхитувања. Прикажувајќи го конечно добиеното свое ново тело, изведбата добива нова димензија со забавен, игрив карактер, каде што двете изведувачки конечно воспоставуваат и физички меѓусебен контакт. Танцувајќи на ритамот на популарна денс музика која е со ист рефрен како и насловот на делото, тие создаваат сцена во која ја изразуваат среќата здобиена од надворешно конструирана реалност.
Во крајот на овој перформанс, новите тела полека се “издишуваат” и почнуваат да пречат. Латентноста повторно доаѓа на површина.
Во целост делото зборува за родовите идентитети, нивната трансформативност во секојдневниот, уметничкиот и изведбениот свет. Изложеноста на телата и постојаниот стремеж кон „совршенство“ го моделира идеалот за физичкото тело, но преку пумпање и екстрахирање, ние всушност ја исцедуваме сопствената индивидуалност. Танцовата и балетската уметност исто така наложуваат естетизирана форма и одредени нормативи. Реалното тело не секогаш успева да се впише, па затоа е постојаната потрага кон негово менување. Телото е објект на биополитиката и политизирањето на родот во однос на стратегиите на власта и човековиот вид станува објект на политички стратегии, кои имаат моќ врз дисциплинирањето на телото во однос на неговата репродуктивна пракса, сексуалност и целокупно човеково постоење. Всушност сите трансформации кои ги доживува телото на сцена се врзани со епохата, разбирањата и традициите што времето ги носи. Традицијата преку класичниот репертоар е задржана за љубителите на традиционалната приказна форма. За експериментаторите и неконвенционалистите современото општество и сцената нудат стратегии и тактики за изведување и конституирање танчарско – хетеро, хомо, би, полисексуално, андрогено, расно одредено, мажествено, феминизирано, феминистичко, бело, црно, европско, западно, природно, протетичко и queer тело. Оваа репликација е видлива генерално на танцовата сцена сé повеќе, но борбата за целосно отфрлање на каков било тип дискриминација продолжува. Во перформативноста и теоријата на танцот овие изведбени категории не се третираат како чисто уметнички, естетски категории. Телата сакале или не се насочени кон проблематиките на микрополитиката и нивните системи за репрезентација на уметноста. Телесноста започнува да се третира како индивидуално и автономно право на индивидуата, со што таа би дејствувала и би се изразувала самата себе преку одредена секојдневна и уметничка призма. Културните студии во изминативе неколку децении придонесуваат врз ваквиот третман на телата, со што телото се институционализира и освен индивидуално може да се претстави и како субјективно тело. Врз градењето на изразноста на телата на сцена влијае општествено-историско-политичко-културниот контекст. Во фокусот на интересот на танцот како актуелност повеќе не се третираат техниката или традиционалниот свет на балетот наспроти модернистичкиот свет на танцот, туку проблемите на застапување и репрезентација на процедурите на културата преку танцовото тело. Освен тоа, танцот не е повеќе само физичко изразување и прикажување на систем со одреден очекуван израз. Танцовите тела истражуваат, стануваат ангажирани за своето постоење, изведуваат концептуализирани телесни состојби и процеси, а воедно телата на изведувачите се предмет на работа на формално – синтаксички концептуални анализи, при што се здобиваат со различни статуси. Публиката како директен или случаен набљудувач има можност да се поистовети, пронајде, идентификува, различи, разграничи, сублимира, негира, одрече, но главно со задача да реагира на виденото, па и да стане дел, пронаоѓајќи го својот сопствен културолошки идентитет. Па така, „Ми треба ново тело“ е дело кое сликовито зборува за ваквите транзиции, промени, борби со физикусот, различностите, внатрешното, надворешното презентирајќи и рефлектирајќи еден долг еволутивен родов и перформативен процес.
Елизабет Колевска е магистерка по балетска педагогија – современ танц. Работи како педагог во ДМБУЦ Илија Николовски Луј, раководи со приватното балетско училиште “Арабеск” и е хонорарна професорка по сценски движења на Универзитетот Еуропа Прима. Партиципира на конференции и симпозиуми во земјава и надвор, каде ги излага своите пишани трудови.
[1] Минималистичкото во танцот го карактеризира односот на кореографското и изведувачкото (танцовото) преку концептуализирање на телото, движење на телото, односот на телото и објектот во реално време и простор со преструктурирање во анти-техника или анти-танц.
*****
Фотографија на Соња Ставрова.
Копродукција помеѓу Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата/ програма Кореографирани тела; Life Long Burning (LLB)/ Програма Performance Situation Room, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска.
Поддржано од: Министерство за култура на Северна Македонија, Креативна Европа (во рамки на Life Long Burning проект) www.lifelongburning.eu
Премиерата на перформансот е дел од изведувачката програма на десетото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.
_____________________________________________________
_____________________________________________________
Premiere of the dance performance “I need a new body” I 47. MOT I LOKOMOTIVA I FIRSTBORN GIRL10 |