Радикално навивање како форма на феминистички бунт
од Калиа Димитрова
Имам 11 години. Годината е 2002. Лето е и најголемиот дел од времето го поминувам со друштвото „на терени“. Терените се во школскиот двор и во голем дел од годината се просторот каде се одвиваат часовите по физичко. Во останатото време, слободното време, времето за експериментирање, откривање и растење, терените се многу повеќе од асфалт кој означува простор за играње на некој спорт. Терените се и поле на перформанс.
Не сум сигурна чија беше идејата тоа лето да бидеме мажоретки, но ја имам следната слика во глава: ужасно е жешко, а јас и петмина другарки седиме во нечија минијатурна детска соба и рачно изработуваме помпони од бели, розови и жолти пластични ќеси. Вертикалните ленти испосечени во различни големини и дебелини се насекаде по подот и после часови и часови макотрпна работа нашите помпони се сиромашни, импровизирани и смешни и нималку не наликуваат на богатите, светкави и секси помпони кои ги носеа популарните средношколки со долги, руси коси од американските филмови во кои ги давевме летните утра пред телевизор. Има нешто тажно и транзициско во сликава која ја евоцирав, која не зборува само за тоа колку биле усмерени нашите тинејџерски фантазии, во родова смисла на зборот, туку зборува и за тоа колку биле дисоцирани од реалноста во која се одвивале овие сцени. Но оваа сцена сега ја заменува една друга.
На терените се одвива неофицијален натпревар во фудбал меѓу моето школо и тоа во соседното маало. На полувреме, ние, самопрогласените мажоретки, изведуваме навивачки танц, веројатно инспириран од тогаш актуалениот филм за прoфесионални навивачки Bring it on (2000). Иако навивачката култура ни е страна, верувам дека не сме ужасни, зашто со години сите одиме на часови по модерен балет во танцовата школа „Ребис“. Натпреварот завршува, а нашиот тимот губи. Како израз на револт, нашите другари –губитниците, ни ги грабаат помпомите, ги кинат, распарталавуваат, се смеат и ги напуштаат терените. Си заминуваме и ние. Тенките парчиња пластика кои светкаат од сонцето остануваат да лежат на асфалтот. Изгледа ние бевме виновни за нивниот пораз. Терените беа и останаа да бидат и просторот каде се одвиваат микроагресиите кои отприлика ти појаснуваат како стојат работите во „вистинскиот свет“. И тоа се одвиваат на брутално директен, непосреден и жесток начин. Но оваа ситуација не нè спречи да продолжиме да танцуваме на терените. Ние, просто, сакавме да танцуваме, без разлика на цената.
Овие неколку сцени, но и безброј други поврзани со танцот и растењето, сведочат за начините на кои се контролира телото, но и за потенцијалот на движењето да комуницира и ослободува, актуелизирајќи ги релациите на моќ, а во исто време спротиставувајќи се на моќта. На таа линија, танцот отсекогаш сум го доживувала како важна идентитетска одредница – пракса која ме дисциплинирала телесно и ментално, и афирмирала одредена фиксна, ригидна и (често) опресивна форма на женственост, а истовремено, понекогаш и паралелно, пракса која ми дозволувала да експериментирам, се бунтувам, разлабавувам и ослободувам.
Ова се некои од темите кои ми се вртеа во глава додека го проследував перформансот „Радикално навивање“ во режија на Зуфит Сајмон, кој беше прикажан овој мај во Скопје, во организација на Локомотива, како дел од ППФ – Перформанс Платформа Фестивалот. Почнувајќи од 2024 година, Локомотива си зададе за цел да промовира феминистички принципи кон курирањето, кој подразбира споделување на ресурси и знаење кон колаборативни, релациски и пријателски програми кои прават смисла и отаде сцената. Токму благодарение на ППФ, овој перформанс и преку пишувањето на овој текст, добив можност да го истражам потенцијалот на преземењето на пракси од „девојачката“ култура кои популарно (а и преку феминистичка призма) може да се сметаат за сексистички, експлоататорски и/или опресивни. Всушност, да го истражам прашањето, можно ли мажоретката да е феминистички симбол?
Овој навидум едноставен и минималистички перформанс вклучува пет мажоретки, кои во некои сцени функционираат како едно совршено-координирано колективно тело, а во други, во прв план е ранливоста, уморот и преиспитување на границите и можностите на феминисичките и квир борбите. Прецизните навивачки движења во комбинација со простите извици и слогани карактеристични за современите движења на отпор креираат атмосфера на зашеметувачка репетитивност, каде гледачот е ставен во позиција да, од една страна „потпадне“ под едноставниот навивачки ритам, но од друга страна, мора да остане буден, зашто мажоретките постојано ги преиституваат и следствено на тоа, менуваат, својот израз и појавност, дали преку игри со костимите, родот и телесноста или едноставно преку коореграфијата. Ситуацијата на сцена се развива до еден момент каде гледачот почнува да чувствува умор заедно со колективот на сцена кој навива, навива и навива, до момент на бизарност, често користејќи хумор и сатира, но и покрај тоа одржувајќи го колективното тело во танц, а со тоа, и вниманието и ангажманот на гледачот. Во таа смисла, „ангажманот“ не е директен, зашто перформаност не е интерактивен на очигледен начин. Но споменатиот репетитивен карактер, особено кога станува збор за слоганите, ја тера публика, ако ништо друго, барем во себе да ги повторува извиците заедно со мажоретките. Можеби после два часа мантрање Let’s go! навистина се чувствуваме како да можеме да тргнеме некаде?
Перформансот „Радикално навивање“(2023) ги користи методите карактеристични за феминистички и квир андергроунд групи од 90тите години, комбинираќи „ненасилни, директни акции со театарски елементи.“[1] Перформаност е втемелен во феминистичката субверзија на навивачката култура, како методологија на протест која е развиена во Флорида, САД, а потоа преземена за меѓубројни политички борби, протести и цели. (Eдна од највпечатливите во современа смисла е веројатно глобалното користење на химната „Силувачот си ти“ од страна на активистките за борба против фемицидот, сексуалното и родово базираното насилство). Радикалнoто навивање во таа смисла е феминистички перформанс и протест во едно – еден вид интервенција на идејата за политички протест како нешто што мора да е сериозно и субверзија на културата на мажоретките како антифеминистичка. Со преземање на елементи од протестната култура и спортското навивање – радикалното навивање создава неочекувани политички стратегии и телесни игри. Првата книга за радикално навивање, која е објавена како независен зин во 1997 година, ја претставува оваа пракса како „активизам со помпоми и среден прст во вис“[2]. Радикалните мажоретки си поигруваат со архетипот на мажоретката, иронизирајќи ја нејзината класична естетика и симболика, и наместо тоа фокусирајќи се на нејзината моќ, сила и полетен дух – понекогаш забораваме, во суштина, и мажоретките се спортистки. Реапроприацијата на оваа фигура е интересна и комплексна стратегија, која не само што служи за преиспитување на перформативноста на родовите улоги и феминизација на полето на политичкиот отпор, кое како и секоја форма на јавност е традиционално машки простор, туку и служи за буквално отелотворување на политичките теории, идеи, вредности и јазик.
Во едно интервју[3] помеѓу две мажоретки кои биле дел од пионерските групи на радикалното навање во 90тите во САД, Џин и Мери, тие се потсеќаат колку оваа форма на протест им била лично значајна, во споредба со разно-разни состаноци и дебати кои ги имале со други активистички групи, зашто радикалното навивање им понудило нешто ново и друго – вклучување на телото во политичкиот терен на начин кој е свеж, еуфоричен, „женски“ и кој носи телесна сатисфакција. Значи од една страна, овој хибриден медиум претставува колективен израз и единствено функционира во контекст на заедница, но од друга, остава доволно простор за истражување на индивидуалните идентитети кои го состануваат тој колектив и носат задоволство кое се чувствува во секое едно, сингуларно тело вклучено.
Оваа перспектива на релацијата помеѓу танцот и протестот, ме наведе да помислам на еден текст[4] кој го читав неодамна, а кој се обидува да објасни зошто во последно време ништо што се случува околу нас (или во светот) не ни делува реално. Односно, не се чувствува реално. Политичката реалност денес ја консумираме во форма на содржина и сме логично дисоцирани од истата. Сопствените животи, релации и, просто кажано, денови и моменти, ги доживуваме низ куриран медиумски и/или естетски контекст. Се чувствуваме како да ни фали вкотвување, опипливи искуства, сила и смисла. Веројатно ни фали отелотворување на реалноста? Простор каде можеме да постоиме во целосно и свесно присуство и каде можеме да ги чувствуваме и процесираме комплексните системи на моќ кои ги умртвуваат нашите тела, фигуративно и буквално, за да можеме да им се спротиставиме. Да излеземе на терените, без разлика дали сме исплашени или уморни. За момент се запрашав дали е иронично што еден перформанс, т.е. дело кое се одигрува во контролиран и обмислен контекст, ме наведе да размислувам и пишувам за отелотворувањето на социо-политичката реалност. Но, кога ќе размислам подобро, токму тоа е клучната и незаменлива моќ на уметноста денес. Да нè донесе (и одржи) во моментот, во телото и колективот и да се обиде да ни го врати фокусот, без кој ниедна политичка борба не е можна.
Перформансот и истражувањето на историјата на радикалното навивање, меѓудругото ми помогна и одново да си ги спакувам сцените од мојот живот со распаднатите DIY помпони. Радикалното навивање ја зема објективизираната и проблематична фигура на поп-фантазијата – мажоретката, давајќи ѝ простор да ги користи своите вештини и идентитет за да се формира во полно-правен, гласен, освестен политички субјект. Па така, во оваа прилика наместо да се срамам од 11 годишните девојчиња со екстензивни количини сјај на усните, им симнувам капа што имаа храброст да застанат во центарот на тие терени, и се надевам, за сето време кое го поминаа навивајќи за другарите, дека сега навиваат за себе, и една за друга.
[1] https://www.lokomotiva.org.mk/radical-cheerleading-%D1%80%D0%B0%D0%B4%D0%B8%D0%BA%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%BE-%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D1%9A%D0%B5/
[2] About radical cheerleaders, https://doremifaso.ca/archives/radicalcheers/about.html
[3]J. Vacarro, Give Me An F: Radical Cheerleading and Feminist Performance, https://hemisphericinstitute.org/en/emisferica-1-1-enacting-democracy/1-1-essays/give-me-an-f-radical-cheerleading-and-feminist-performance.html
[4] G.Yalcinkaya, Why does nothing feel real anymore?, https://www.dazeddigital.com/life-culture/article/63208/1/why-does-nothing-feel-real-anymore-donald-trump-prada
За авторката: Калиа Димитрова (Скопје, 1991) се занимава со уредување и пишување откога се сеќава на себе. Дипломира на Правниот факултет при УКИМ (отсек политички науки), а магистратурата во областа на културолошките науки ја завршува во Холандија и Полска. Авторка е на збирките „Вештерките денес“ („Темплум“, 2018) и самоиздадената „Во хаосот радост“(2023). Основачка е и главна и одговорна уредничка на дигиталната феминистичка платформа Медуза, како и на печатените изданија на Медуза. Авторката е на повеќебројни есеи, колумни и истражувачки текстови во полето на феминизмот, колективното сеќавање и замислување, менталното здравје, популарната и интернет културата, квир теоријата и сите можни пресеци на сите овие области.
Текстот е произведен во соработка со феминистичката платформа Медуза, а поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Гете-Институтот од Скопје.