Родово и телесно пречитување на практиките на „пумпање“ и „цицање“ / Кон танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на Викторија Илиоска

„Дијалогот кој недостасува“

Текст за премиерата на „Ми треба ново тело” на Душица Лазова

24 ноември 2022, четврток

 

Како дел од програмата „Кореографирани тела“ на Локомотива, и изведувачката програма на јубилејното десетто издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО во рамки на 47-то издание на МОТ, се одржа премиерата на танцовиот перформанс „Ми треба ново тело“ на кореографката и изведувачка Викторија Илиоска.

Современите изведувачки уметности може да делуваат херметично поради тоа што отстапуваат од традиционалните линеарни постапки во креирањето, како на пр. развоен наратив во форма на текст според кој се водиме или либрето затоа LOKOMOTIVA-Centre for New Initiatives in Arts and Culture и ППЖ10  оспоставуваат форма на “разговор со уметниците“ како пракса на рефлексија или дијалог кој недостасува – за да откриваме и создаваме повеќегласие за современата изведувачка уметност, задно да ја гледаме, да ја исчитуваме и да промислуваме за неа. Првиот од серијата разговори, одржан по Локомотива и ППЖ10 | Премиера на „Ми треба ново тело” на Викторија Илиоска, го заокружуваме со текстот на нашата соработничка Душица Лазова која пишува за делото на Викторија низ различни перспективи – родова, теориско-уметничка, изведбена и перформативна. Нејзиниот текст можете да го и прочитате на интернет страницата на Тиииит! Инк.
Краток видео клип од премиерата на перформансот:
https://youtu.be/vBhlz5yY6j4
Душица Лазова Dushica Lazova за перформансот МИ ТРЕБА НОВО ТЕЛО на Викторија Илиоска пишува:
“Проникливиот и интуитивно женски перформанс, во кој Викторија настапи заедно со нејзината соработничка, Настја Ѕубан, на публиката ѝ понуди свежо родово и телесно преиспитување на капиталистичките практики на експлоатација и екстракција и премислување на различните облици на „пумпање” и „шмукање/цицање” на телото и земјата и нивната поврзаност во процесите на (ре)продукција.“

 

Меко или тврдо

Првото ниво на кое делото комуницира со публиката е преку футуристичкиот сценски амбиент составен од бел балетски под обиколен со високи бели платна (white box). Централно поставена, сцената на прв поглед потсетува на внатрешноста на вселенски брод или, пак, на стерилна и дехуманизирачка матка. На самиот почеток, изведувачките стојат на работ на сцената и по серија кратки вежби за вдишување-издишување и истегнување во кои публиката е поканета да им се придружи, тие директно им се обраќаат на гледачите: „Испружете ги рацете нанапред. Доколку сакате нештата во вашиот живот да бидат меки/нежни (soft), ставете го десниот палец врз левиот. Доколку сакате нештата да бидат тврди/цврсти (solid), ставете го левиот палец врз десниот.“

Изборот помеѓу меко и тврдо истовремено ѝ сугерира на публиката да го преиспитува танцовиот перформанс низ оваа дуалност, која се покажува како една од многуте бинарни сопоставености што ги исцртуваат и преминуваат двете амбивалентни тела на сцената. Па така, штом телата почнуваат да се движат со бавни, сензуални движења кон средината на сцената, таа одеднаш како да ги губи своите цврсти рабови, станува мека и длабока и ги вшмукува телата во својата дистописка матка. На оваа вештачки создадена, стерилна матка ѝ се спротивставува топлината на мајчинската утроба која треба да понуди заштита, грижа и прехрана, инсинуирана преку женските тела кои ја населуваат на сцената. Симболично, овие женски тела во рацете држат чаши со млеко во форма на дојка. „Матката“ е преплавена со остри и повторливи звуци што потсетуваат на градилиште, на дигалки и дупчалки. Симултано, повторливите танцови движења на телата како да упатуваат кон некакво (пре)создавање, сѐ до моментот кога тие се згрчуваат како да се исфрлени или плукнати од внатрешноста на матката – онаму кадешто има длабочина има и потенцијал за дупчење. Од гнилата внатрешност на потрошниот систем, на едната страна излегува вишокот, а на другата останува недостатокот.

 

Млеко и нафта

Двете изблуени тела кои при допирот со другиот го губат својот интегритет како целина се лизгаат по подот во вид на леплива, валкана материја која во контекст на делото потсетува на масловидна нерафинирана нафта или „уље“. Телата полека почнуваат да се исправаат нагоре со згрчени и ригидни движења, проследени со звук што наликува на кршење и триење на коски (или, пак, на раздробени и издупчени карпи?). Материјата почнува да добива облик, но ѝ недостасува сила, при што едната изведувачка го ишмукува млекото од својата чаша, а другата го истура врз сопственото тело. Изведувачките влегуваат од еден во друг телесен систем, па зајакнатите коски ги комплетираат со мускули преку серија движења во вид на пумпање и надувување.

Главната симболика на мајчиното млеко тука е и повеќе од очигледна. Млекото е основна храна за новороденчињата и поради својата целовитост, нутритивност и самодоволност се смета за животворно. Млекото кое ги придвижува телата на сцената може да се прочита и како афективен ресурс, „радикална, алтернативна форма на отелотворена субјективност наспроти идејата за автономноста на поединецот” (Hausman, 2004). Чашките во форма на дојки (инаку уреди за зголемување на гради; првичната замисла била да се користат пумпи за измолзување) кои не ги напуштаат рацете на изведувачките во првата половина на перформансот кај гледачот можат да отворат прашања за повеќезначноста на доењето како практика на грижа и како дел од една женска економија на дарување, но и како невидлив мајчински труд кој е истовремено комодифициран и табуизиран.

Цицањето на млекото како женски самообновувачки ресурс и резултат на природниот процес на репродукција нè води во насока на размислување за насилното и несразмерно исцрпување на нафтените резерви како најзначаен природно-енергетски ресурс на денешницата. Културата на екстрактивизам неизбежно наметнува и критика на месната, млечната и фармацевтската индустрија како едни од најголемите загадувачи и потрошувачи на ресурси врзани со производството, но и со репродукцијата преку прекумерната експлоатација на репродуктивните капацитети на женските животни. Најпосле, млекото на сцената е уште еден потсетник за стравот од телесноста и создавачката моќ на жената поради што патријархалниот свет ја поистоветува со природата. Женското (и квир) тело ја препознава својата потчинетост, маргинализираност и искористеност во човечкото скротување и управување со природата, со што овој танцов перформанс се отвара и кон екофеминистичко пречитување.

 

Пумпај и исцеди

По коските и мускулите, изведувачките низ своите движења продолжуваат да понираат во телесноста. Се дообликуваат со месо и кожа, бавно облекувајќи гротескни костими на бодибилдер(к)и на надувување додека водат неповрзан дијалог во кој продолжуваат да си поигруваат со концептите на шмукање и пумпање.

Изложувањето на претерано надуеното „тело” на ротациона платформа и извештачената кловновска насмевка на лицата на изведувачките може да се прочита како исмевање на ироничното и самобендисано пумпање на бодибилдерите во доцните 70-ти. По векови објектификација и сексуализација на женското тело, ова јавно прикажување, восхитувањето и оценување на машкото тело продолжува да фасцинира. Останува да се прашуваме дали овој “glitch” во системот е изблик на фрустрација, дали во него има нешто родово субверзивно или е продолжение на машкиот поглед и идеалот за совршеното тело и дали едно напумпано тело може да се смета за уметност? Ако да, тогаш што станува со јавното линчување на жените кои одбираат да ги напумпаат и инјектираат своите усни, лица и останати делови од телото? И што кажува за нас опседнатоста со зголемувањето, преувеличувањето, претерувањето?

Денес, желбата за преминување на границата на сопствените капацитети оди уште подалеку. Незаузданиот хибрис на богатите бели мажи кој се крие зад трансхуманизмот создава една нова, исклучително опасна категорија на „бодибилдери” на модерното време – „бесмртниот постхуманистички бог кој ги надминува ограничувањата на нашата биологија и се шири во Универзумот” (Davies, 2019). Биотехнологијата, поддржана и финансирана токму од овие мажи се милитаризира за нивните андроцентрични потреби. Како што забележува Davies, „нивната крајна цел наликува на доцно-капиталистичка верзија на Ветрувијанецот на Леонардо да Винчи: индивидуалистички надчовек (superman), вооружен со когнитивни и физички засилувања во изобилство, издигнат до состојба на неприкосновена сила и моќ и надарен со способност да се репродуцира без товарот на жените“ и да продолжи со својата експлоатација во име на прогресот.

Во завршниот дел од делото, елементи на „појачаност” („засиленост”) и пренагласеност гледаме во дијалогот чии гласови се позајмени со што изведувачките прават напор да ги изведат, во поп песната што отскокнува од дотогашната мрачна и морничава (eerie, uncanny) атмосфера и безгрижниот ритмичен танц на изведувачките кој асоцира на некакво ослободување или победа (на што? врз што?). Неприродноста и бизарноста во последните моменти кулминираат до точка на апсурдност, со што на изведбата не ѝ останува ништо друго освен да заврши или да почне од почеток. Исцедените и истрошени тела се враќаат во својата првобитна млитавост – заробени во фиктивен круг на побарувачка и потрошувачка.

 

Душица Лазова е соуредничка на првата дигитална феминистичка платформа Медуза. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, каде во моментов ги завршува мастер студиите по книжевност и култура и работи како демонстраторка. Истражува, пишува и преведува содржини од областа на родот и квир теоријата, (еко)феминизмот и автотеоријата.

 

 

 

*****

Фотографија на Анастасија Гулевска.

Копродукција помеѓу Локомотива – Центар за нова иницијатива во уметноста и културата/ програма Кореографирани тела; Life Long Burning (LLB)/ Програма Performance Situation Room, Номад Танц Академија Словенија и Викторија Илиоска.

Поддржано од: Министерство за култура на Северна Македонија, Креативна Европа (во рамки на Life Long Burning проект) www.lifelongburning.eu

Премиерата на перформансот е дел од изведувачката програма на десетото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО. /https://tiiiitinc.com/?fbclid=IwAR0UVGO9jS5xe_MCwGJ4u9v_ohyoGAK7-g_2zU65kSpOjnj3uENNEX6DRoI/

 

#LokomotivaSkopje #MKC  #MOT #ChoreographedBodies

_____________________________________________________

 

 

 

_____________________________________________________

Premiere of the dance performance “I need a new body” I 47. MOT I LOKOMOTIVA I FIRSTBORN GIRL10 |

„Ми треба ново тело“ – приказ на градењето родов и перформативен идентитет, текст на Елизабет Колевска