Работилница за Танц и Кореографија “Звуци на движењето” со Теодора Ежовска

Култренинг | 28.10.2024) / понеделник, 19:00 – 20:30 часот | КСП Центар – Јадро

 

ЛОКОМОТИВА ве кани да се придружите на уште една  работилница од Култренинг програмата Звуци на движењето“со Теодора Ежовска која ќе се одржи во просторот на КСП Центар – Јадро.

Серијата Култренинг работилници се организирани во соработка со локални и поканети регионални и меѓународни кореографи и танцови уметници, во различни простори во градот и со различни партнери. Работилниците се отворени за сите заинтересирани граѓани, без разлика дали имаат некое претходно познавање од современиот танц.

Работилницата е бесплатна и отворена за учесници со или без танцувачко искуство.

Пријавете се на kultrening@gmail.com, бројот на учесници е ограничен. 

Ве молиме понесете удобна и лесна облека.

 

Опис на работилницата:

„Звуци на движењето“ – Работилница за истражување на звукот и телесната експресија

Фокусот на работилницата „Звуци на движењето“ е на создавање интерактивна врска меѓу звукот и телесната експресија, истражувајќи како различните звуци влијаат врз нашето движење, ритам и координација. Учесниците ќе развијат свесност за своето тело како инструмент, каде што секое движење произведува сопствен „звучен отпечаток“. Преку импровизација и слушање на звуците од природата и опкружувањето, ќе се истражува како звукот ја води или поттикнува телесната креација.

Звук + Движење + Телесна Експресија = Хармонија на Сетилата

Во работилницата „Звуци на движењето“, методологијата и алатките се синергизирани за да го стимулираат креативниот потенцијал на учесниците. Преку експерименти со звук и ритам, како и вежби за свесност и телесна слобода, учесниците ќе развијат нови начини на перцепција на сопственото движење и околината. Работилницата ќе создаде уникатен процес на „дијалог“ помеѓу звукот и телото, што ќе го поттикне развојот на креативните вештини на учесниците во перформансот, танцот и кореографијата.

 

Биографија:

Теодора Ежовска ја започнала својата танцова кариера во својата седма година, оттаму детската желба за танц и првите чекори во хип- хоп, танц театар, шоу-денс, се преточила во подоцнежните години, па таа ти продолжила своите студии на “Факултетот за музичка уметност/ Скопје, на одсекот за Балетска педагогија – современ танц”, каде што го зајакнува и продлабочува својот танцов вокабулар.

Нејзиното искуство како изведувачка и танцова уметница е сестрано и широко, што и овозможува експанзија на нејзината движечка/ танцова експресија. Има учествувано во проектите „Проект М”- Урсула Игли и Искра Шукарова, „Апоптозис”– Елена Андонова Петровиќ, музика: Дарија Андоновска „Чудна Шума”– Грегор Камникар и Искра Шукарова, „Метаморфоза”– Ивана Коцевска, „Ре-Платформа”-Чарлс С. Вајт и Лион Брнс, „Оди длабоко”- Ивана Балабанова, „Нејзин сопствен простор”- Ивана Балабанова, „Движење на урбан пејсаж”- Јасмин Смии, „Swindel”– Тобијас М. Драгер и многу други.

Работата како кореографка ѝ овозможува истражување, еспериментирање и применување на методологи кои опфаќаат работа со простор, време, проксемика, колектив, објекти, итн. Како кореграфка стои зад танцовите дела „Спирала” 2018 (Дипломско дело, ментор проф.Искра Шукарова), „Обединување”, „Торн” 2019, „Синергија” 2020, „I can’t breath, I can’t speak”, a за нејзиното дело “The circle is not round”, под менторство на Вики Ангелику,  освојува трета награда на Фестивалот за кореографски минијатури во Белград. Моментално Теодора работи на своето ново дело Ла лола/ онаа која знае, за кое имаше можност да го започне и прикаже како *work in progress презентација во рамките на Крловац танц фестивалот во Хрватска, како дел од Non Aligned Movements на Nomad dance Academy.”

 

Работилницaта е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива, реализиранa во соработка со КСП Центар – Јадро.

Програмата „Култренинг“ е дел од Интердисциплинарната програма на Локомотива која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонијa