Изложба на нови прототип-производи и услуги во сферата на креативните индустрии

Оваа година во рамките на фестивалот „Скопје Креатива 2019 – Зелено Скопје“ организира јавен повик за поддршка и промоција на предлог-проекти за реализација на нови прототип-производи и услуги во сферата на креативните индустрии. На јавниот повик беше доделена финансиска поддршка за реализација на 17 нови прототип-производи и услуги. Освен тоа, на дел од пријавените проекти им беше овозможена презентација во рамките на фестивалот.

Во зависност од темата и типот на поддржаните прототип-производи, фестивалот понуди платформа за презентација во рамки на неколку програмски сегменти, и тоа: Изложба на нови прототип-производи и услуги во сферата на креативните индустрии поддржани во рамките на фестивалот, Музичка програма и Еко-сфера – поп- ап стор.

Комисијата што ги разгледуваше понудените проекти на јавниот повик беше составена од Јана Ацевска, професионалец во полето на  графички дизајн, дизајн на производ и дизајн на накит; Дарко Христов, основач и сопственик на  компанија за производство на производи од дрво со современ дизајн MONOZERO и  Ладислав Цветковски, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и графички дизајнер.

Отварање на изложбата на 1 јуни во Младински културен центар во 18 часот.

Изложба на нови прототип-производи и услуги во сферата на креативните индустрии поддржани во рамките на фестивалот

 

„Celebrate life – Почни од себе“

Горан Костовски – Ind.og

Преку користење на концептот на Celebrate life проектот има цел да ја подигне свеста на граѓаните за проблемите со користење на пластиката и да влијае врз создавањето критичка маса на граѓани кои и самите ќе го користат концептот на користење торби наместо пластични кеси. Повеќе информации на: http://indog.info/tagged/celebratelife

Горан Костовски – арт-директор, илустратор, дизајнер, vj.

Социјално ангажиран и со цел подобро општество, неговите дела најчесто се инспирирани од случките што го опкружуваат или што некогаш се случиле и му оставиле силен впечаток.

Досега има реализирано 8 самостојни изложби и неколку групни. Има изложувано во Скопје, Париз, Целје, Загреб, Амстердам, Берлин како и на vj настапи на Балканот.

 

„Миаботаника“ – ЛЕД-светилки

Борјана Насева

Проектот „Миаботаника“ е заснован на долгогодишни истражувања од страна на различни научни и педијатриски институции кои ги третираат основните сетила кај новороденчињата, почнувајќи од неонаталниот период, па сè до втората година. Оттука произлезе и идејата за изработка на големи ЛЕД-светилки кои проектираат бои и форми на белата ѕидна површина, исполнувајќи ја целата детска соба со интензивни контрасти кои стимулативно влијаат врз дечињата уште од  најмала возраст.

„Миаботаника“ е бренд за визуелно стимулирачки рачно сликани и декорирани ЛЕД-светилки кои, покрај својот уникатен и колоритен дизајн, обезбедуваат и визуелна стимулација кај децата која е од корист за развојот на централниот нервен систем.

 

Примери – БОШ стрип-лабораторија

Арт еквилибриум

Отворена е дводневна прототип-работилница за стрип. „На самото место“ сечкаме, пасираме, монтираме, печатиме, фотокопираме и хевтаме, создаваме стари и нови примери заедно со Радован Поповиќ, Бруно Толиќ и Александар Опачиќ на македонски јазик.

Шеги во стрипот, стрип-ленти, латентни шеги и висока уметност, кратки и раскошни приказни, амбиваленцијата како таква, критика на градот кој се распаѓа, минималистички пристап на комплексни теми, односи, драматични промени, идентитет, болка, траума, лекување преку смеа и шега, преку транспарентност и целосна отвореност. Примери е еден од оние стрипови што траат засекогаш.

Арт еквилибриум ја афирмира определбата за динамичен и рамномерен културно-уметнички развој во урбан контекст. Како протагонист за независна уметност, особено стрип и графика, со оваа прототип-работилница за стрип се обидува да го врати стрипот како ангажиран медиум на локално ниво во сиот негов сјај ставајќи ја темата за „Зелено Скопје“ централно на масата на која ќе седнат само оние витези што ќе имаат доволно храброст да „стрипизирираат” на оваа тема.

 

 

„Духот на старата градска куќа“

Ива Петрунова, Здружение за истражување на градот „Градот убав“

 

„Духот на скопската градска куќа“ претставува препознавање на квалитетите на градската куќа и нејзино реинтерпретирање преку поставување изложба од фасади на пет куќи од старо урбано ткиво (Маџир Маало). Така, архитектурата која е во исчезнување би се приближила до граѓаните, со цел тие да ја осознаат нејзината вредност. Истовремено се наметнува размислувањето во кој правец се развива денешната станбена архитектура.

Здружение за истражување на градот „Градот убав“-Скопје е граѓанско здружение чија цел е поттикнување и препознавање на позитивните архитектонски и просторни вредности преку кои се зголемува квалитетот на животот во градот.

 

 

 

„Скаменета природа“

Андреј Митевски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Изработка на мермерна маса со димензии 120х80х2cm на која ќе бидат претставени флорални елементи во плиток релјеф. Масата ќе биде изработена од бел мермер, кој е всушност рециклиран материјал и кој се третира како отпад. Со мојата работа овој отпад станува уметничко дело и има употребна вредност како трпезариска маса.

Андреј Митевски – скулптор. Роден е во Скопје во 1976 година. Завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во 1999 година и постдипломски студии на истиот факултет во 2003 година. Работи повеќе од 20 години во камен и има учествувано на повеќе од 20 интернационални симпозиуми во странство, како во Јапонија, Аргентина, Бразил, Египет, Италија и други земји. Учесник е на BIAB colours and Olimpism во Пекинг, Кина, на покана од Кинеската артистичка асоцијација, како претставник на Македонија. Има остварено повеќе од 15 самостојни изложби и 15 групни изложби во Македонија и во странство.

 

„Вода и камен“

Александар Наумоски

 

Каменот е жива материја и се трансформира полека, но континуирано. Само оние што пристапуваат кон него со трпение и голема страст можат да ја доловат неговата променливост и целосно да ја интерпретираат. Секоја реализација е посебна, сама за себе, без никакви ограничувања. Единствениот стандард е апсолутна ексклузивност во резултатот.

„Вода и камен“ е едно интелектуално и чувствително искуство од првичната идеја од изборот на материјалот, па сè до неговата реализација. Материјалот е кварц, најден на падините на Скопска Црна Гора, исклучително тврд камен, но со многу интересна проѕирна структура која очекувам да даде му посебна убавина на ова лавабо.

Александар Наумоски, скулптор, роден е во Скопје во 1973, дипломиран на Академијата за ликовни уметности во 2000 г. во класата на проф. Драган Попоски – Дада. Полн е со многу креативни и иновативни идеи да произведува луксузни предмети од природен материјал, како мермер, гранит, камен итн. Идејата е сè да биде рачно изработено и уникатно.

 

 

Цртаме стрип „Скопје зелено пак ќе бидеш”

Tоме Трајков – Стрип-центар на Македонија, Велес

Илустрација на Ана Марија Стефаноска
Илустрација на Ана Марија Стефаноска

Дводневна практична стрип-работилница со учество на 10 ученици од две основни училишта од Скопје, кои ќе ги развиваат своите вештини за обработка на општествени теми. На работилницата ќе се изработат најмалку 10 стрипа со најмногу 2 страници на тема екологија во поширок контекст. На изложбата ќе се претстават и изданија на Стрип-центар на Македонија и каталог од подготвените дела.

Стрип-центар на Македонија, со седиште во Велес, е формиран во 1995 со цел да заживее и да се афирмира македонскиот стрип низ разни средини и заедници во и надвор од границите на нашата земја.

 

 

„Како да дизајнираме промена“

Приватен принт

 

„Како да дизајнираме промена?“ подразбира дизајнирање на книга-објект, графички обликувана околу популарниот „Недовршен манифест за растењето“ на канадскиот дизајнер и едукатор Брус Мау. Манифестот содржи 43 точки кои ги синтетизираат искуството и знаењето на Мау за процесот на дизајнирање и за улогата на дизајнерот во заедницата во која живее. Дизајнерскиот процес и изведбата на книгата органски го покажуваат на дело знаењето впишано во манифестот.

„Како да дизајнираме промена?“ е проект на Приватен принт, првиот македонски издавач специјализиран за уметнички книги и сродни публикации, во соработка со Елена Пазарџиевска-Ристовска, архитект и уредник на оваа книга-објект.

 

 

 

Документирање техники за бојадисување волна на традиционален начин

Маја Миноска-Павловска

 

Боите во наследство. Проектот ги истражува и ги документира традиционалните методи на бојадисување на ткаенини со природни пигменти, на автентичен начин практициран од генерации занаетчии на нашите простори. Ги мапираме процедурите и техниките при бојадисувањето како наследство за идните генерации и како база за нивна директна примена во современите креативни индустрии. Преку подигање на капацитетот на креативните работници со нови вештини и методи придонесуваме за создавање одржлив концепт на развој на креативни економии еднакво одговорни за минатото, сегашноста и иднината.

Маја Миноска-Павловска – културен работник со истражувачки и проектен фокус врз културниот менаџмент, одржливоста, маркетинг, креативни индустрии, културно наследство, иновативност, дигитални технологии.

 

 

 

Платформа за аудиокниги на македонски јазик

Христијан Поп Симонов, Флуктус

„Самоглас“ е онлајн аудиоплатформа за пласирање книги на македонски јазик. Под аудиоплатформа се подразбира веб-апликација за пристап до аудиобиблиотека, што кај нас е еден нов модел на претставување културни содржини.

Појавата на ваква платформа ќе овозможи олеснет пристап до содржини кои би го збогатиле индивидуалниот развој на младите во поширока рамка, поконкретно најголема придобивка би имале лицата со дислексија и визуелен хендикеп.

Здружението за афирмација на уметноста „Флуктус“ – Скопје е непрофитна организација формирана со цел да ги истражува и проширува границите на уметничката дејност преку изготвување проекти од мултимедијална природа со едукативен карактер.

 

Рециклиран маркетинг

Владимир Ристовски

Идејата на овој проект е да се испитаат можните начини на реупотреба на материјалот од веќе искористените рекламни паноа. Во потрага по соодветен производ, акцентот е ставен на зголемената велосипедска популација, односно изработка на производ за нив – торба за велосипеди. Целта на проектот е да го активира креативниот начин на искористување на преостанатите отпадни материјали и да даде индиректен придонес кон велосипедскиот сообраќај преку дизајнирање уникатни додатоци за секој градски велосипед.

Владимир Ристовски активно се занимава со графички дизајн и воедно е страстен велосипедист. Заедно со Елена Пазарџиевска го основа брендот ОММО bike stand, под чие име се изработува дизајнирана урбана опрема за велосипеди.

https://www.facebook.com/OMMOBIKESTAND/

 

Еко-цевки

Јасмина Главинче, WIZART

Секојдневно во светот се произведуваат околу 500 милиони пластични цевки за пиење со цел да се искористат за само неколку минути. Тие не се распаѓаат, ниту се рециклираат и многу често завршуваат во океаните каде што се вистинска закана за живиот свет.

Цевките за пиење изработени од тесто или инокс се одлична еколошка замена за пластичните. Дел од пакувањето е направено од рециклирана хартија која во себе има семиња. Хартијата треба да се засади во земја и од неа ќе никнат растенија. За почист и позелен град, да ѝ кажеме „НЕ“ на пластиката за една употреба!

Јасмина Главинче – крафтивист. Моментално студент на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство. Во 2011 г. го основа своето креативно студио WIZART каде што се преплетуваат тајните волшепства кои во себе ги кријат природата и уметноста.

 

 

Eggshell-Hatched

Глигор Кузмановски

Eggshell-Hatched е нова приказна која е во создавање. Се работи за колекција на накит комплетно изработен од отпаден материјал во комбинација со природни материјали, која би била промотивно презентирана на фестивалот „Скопје Креатива“. Сакајќи да ја потенцирам кршливоста на денешниот свет, воедно и да предизвикам освестување кај секој од нас, се одлучив за експериментална колекција изработена од хартија и лушпи од јајца. Секое парче изгледа толку кревко како да ќе се скрши при првиот допир. Но токму при тој допир се чувствуваат цврстината и леснотијата што ги пренесува колекцијата EGGSHELL- HATCHED.

Глигор Кузмановски веќе 8 години се занимава со дизајнирање накит. Најчесто отпадно дрво, со повремени експерименти во други материјали, како што е случај со последната колекција изработена од хартија и лушпи од јајца. Зад себе има повеќе колекции (Woods, Africa, Volcano, Wooden stories, Man-Factory-in between, Summer memories, Eggshell, Flora vs Fauna, Eggshell/Hatched) со кои се има претставено на Модната недела во Скопје, Design Week Скопје, Природонаучниот музеј – Скопје, Concept37 Скопје, Валенција, Виена, Софија, како и на престижниот AUTOR во Букурешт.

 

 

ReTex-Archisegment /РеТекс-Архисегмент

Екатерина Намичева

 

РеTeкс-Архисегмент е инспириран од скопските палати од почетокот на 20 век и рециклирањето на тексас од веќе употребени парчиња облека (second hand). Целта е да се развие еколошката свест, односно трајноста и употребата на тексасот како еден од текстилните материјали што се добиваат со технолошки процес кој ја загадува природата.

РеTeкс е тимски проект на Екатерина Намичева – архитект и Александра Јовановска – моден дизајнер, кој со употреба на методи за рециклирање создава нови дизајни. Тимот на РеTeкс веќе две години активно учествува на изложби и работилници во државата и надвор од неа.

 

 

 


Градење на патот до зелен град

Јасмина Пислевиќ

Со потенцирање на ефектот од заемно дејствување, Lebe Global = Глобално живеење е едукативна друштвена игра која на забавен начин придонесува за кревање на свеста за индивидуалниот ефект од создавање на CO2 емисиите и одржливиот начин на живеење, како и нивното влијание врз глобалниот соживот. Целта на играта е на деца на возраст од 12 до 17 години да им се овозможи алтернативен начин на едукација за заштита на животната средина.

Јасмина Пислевиќ – активистка за заштита на животната средина и зачувување на здравите услови за живеење, магистер по машинство – одржлива енергија и заштита на животна средина со над 5 години меѓународно и национално искуство во едукација и истражување на наведените теми.