Елена Ристеска, Анџела Петровска, Ѓурѓица Христовска, Евдокиа Николова-Лиере, Координација на програма и администрација

Елена Ристеска

Активно учествува во програми за развој на современиот танц и перформанс. Ги завршува студиите за современа танцова педагогија на ФМУ-Скопје и моментално ги следи магистерските студии на политики на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје.

Активно членува во „Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ што ги застапува условите за развој, истражување, продукција и презентација на современите изведувачки уметности и културни политики на локално, регионално и интернационално ниво. Како координатор е активна на програмски линии чија цел е постигнување прогресивна социо-културна промена во општеството: проект-просторот „Кино Култура“ – простор за современи изведувачки уметности и култура во Скопје, АКТО – Фестивал за современи уметности – Битола, итн. Верува во колективни дела, пренос на мотивација и системи на поддршка, Елена истражува во „меѓупросторот“ во многу структури. Во центарот на движечкото истражување го става телото во културната, социјалната и перформативна средина, како и условите за негово функционирање.

 

Анџела Петровска

Живее во Македонија, завршила германски јазик и книжевност, меѓутоа, активно работи во културата. Своите почетоци ги почнува во Народниот театар во Битола како хостеса, организатор и координатор, работела на над 10 различни фестивали. Во моментов работи активно во организација на „Локомотива“, Театар на Навигатор Цветко и Факултет за работи што не се учат.

Анџела верува дека работата и подигнувањето на нивото на култура е подигнување и подобрување на едно општество. „Скопје Креатива 2019“ е дел од нашето огледало за подобро општество.

Ѓурѓица Христовска

Родена е и живее во Скопје. По професија е инженер-агроном, а работи како администратор на здружението на граѓани „Локомотива – центар за нови инцијативи во уметноста и културата“ и на Друштвото за театарски и едукативни дејности Театар на Навигаторот Цветко.

Голем обожавател и другар е на децата и на младите. Поборник е за создавање почиста и позелена околина за безгрижен раст и правилен развој на децата и младите, всушност, поборник за поубава и почиста околина каква што заслужува нашата планета Земја, а и ние.

 

Евдокиа Николова-Лиере

Родена е во Скопје, а живее на релација Скопје-Бон. И покрај тоа што завршила Правен факултет, уметноста ја влечела да магистрира на отсекот Фотографија на Академија ЕСРА во Скопје и да ја пренасочи својата кариера во правецот на уметноста и културата. Освен работа во областа на фотографијата, која вклучува многубројни изложби и ангажмани како фотограф (Life Magazine, Skopje Jazz Festival), Евдокиа работела и како специјалист за комуникација во ДТ Пан-Нет Братислава, а претходно  како постар соработник за корпоративни настани во „Македонски телеком“ – Скопје и како експерт за комуникација во ДТ-Бон, а и како дел од организациските тимови на разни фестивали во минатото (Скопје филм фестивал).