Виолета Качакова, Директор и програмски уредник

Виолета Качакова

Директор и програмски уредник 

Менаџер во култура и културен работник од Скопје.

Дипломира на Економскиот факултет во Скопје, а магистрира менаџмент во култура и културна политика на Универзитетот на уметностите во Белград – интердисциплинарни постдипломски студии за менаџмент во културата и културна политика на Балканот. Од 2006 година е проект-менаџер и програмски уредник во здружението на граѓани „Локомотива-центар за нови иницијативи во уметноста и културата“. Активно работи во полето на истражување и развој на културни политики; европска, регионална и национална културна соработка во полето на современата уметност и култура; застапување за работничките права на културните работници и развој на нови модели на јавни простори во култура.

Во полето на музиката од 2006 година е музички соработник во независната радиостаница Канал 103, додека, пак, од 2012 соработува со „ПМГ Рекордингс“, каде што активно е вклучена како диџеј, графички дизајнер на музички изданија и соработник на дискурзивна програма за музика.

Од 2015 година со „Локомотива“ како коосновач, станува дел од управувачкиот тим на „Кино Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура.

Како надворешен соработник, од 2017 година повремено соработува со Министерството за култура на подобрување на постојните и развој на нови модели и механизми за поддршка на културните актери и самостојните уметници.

Во 2018 стана дел од тимот на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.