Бјутификација на градот

„Бјутификација на градот“ е сегмент од програмата за дизајн на фестивалот за развој на креативните индустрии „Скопје Креатива 2019“. Во духот на мотото на фестивалот „Зелено Скопје“ овој сегмент има цел да придонесе за разубавување на заборавени/запоставени делови од градот. Локацијата селектирана да се „бјутифицира“ е дворот на Државниот студентски центар „Скопје“, кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. „Бјутификација“ или разубавување е процес на визуелни подобрувања во еден град, во делови од градот или во одредена урбана средина. Процесот најчесто опфаќа хортикултурно уредување, како садење дрвја, грмушки и/или друго зеленило, а често вклучува и додавање урбана опрема.

Програмата се реализира под менторство на Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонски и на Шумарски факултет, и Никола Ѓорѓиевски – архитект и магистер по пејзажна архитектура, и e во координација на Јана Ацевска, уредник на програмата за дизајн. Уредувањето на дворната површина на Државниот студентски центар „Скопје“ ќе се изработи врз основа на проект развиен во рамките на работилница со 20 студенти од  Архитектонскиот и од Шумарскиот факултет, реализирана во месец мај на Архитектонскиот факултет во Скопје. Партнери во реализацијата на програмскиот сегмент „Бјутификација на градот“ се Архитектонскиот и Шумарскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  ЈП „Паркови и зеленило“ и Државниот студентски центар „Скопје“.

фото: Evdokia Nikolova Liere