Редефинирај ја својата реалност

Презентации и работилници за иновации – спојување на креативноста со технологијата, интернет-технологијата и активизмот

| голема сала Кино Култура | 14.00-18.00 часот |

 

14:00 „Можеш ли без ѓубре?“- Андријана Папиќ-Манчева, преведувачка навлечена на нула отпад, која ќе зборува за книгата „Дом со 0 отпад“

Преполни контејнери на секој чекор и депонии во недоглед, а наоколу и натаму купишта ѓубре. Можете ли да замислите свет без ѓубре? Или да фрлате многу помалку ѓубре? И наместо во канта, да го собирате во тегла? Ако не можете, бујрум на муабет за нула отпад!

 

14:20 ГЕТ- Велосипед – Венито комерц ДООЕЛ

ГЕТ-Велосипед (Градски еко транспорт) претставува алтернативен градски транспортен систем, систем од електрични велосипеди со вградени проактивни филтри во своите тркала. Системот воедно нуди и уникатен начин на користење и изнајмување на велосипедите. Еден ваков систем значително би придонел за намалување на загадувањето од сообраќајот.

 

14:50 Fashionably smart – 3Д-печатени модни додатоци – ТАБМАКЕР ДООЕЛ Кичево 

Табмејкер е креативен творечки простор (maker space) кој нуди пристап до целосно опремена работилница за изработка на дрво, метал или композитни материјали. Машинеријата и рачните алати може да се користат со целосна поддршка од нашите квалификувани техничари, а може да изработите некое парче мебел или да испечатите некој моден додаток на 3Д-печатачите. Исто така, овој јавен простор може да се користи за да го развиете вашиот старт ап со поддршка од индустријата, како и од заедницата на творци.

 

15:15 pulse.eco – О2 иницијатива и Нетсетера

pulse.eco е платформа преку која се следат неколку параметри: загадување на воздухот со PM10, PM2,5, бучава, температура, влага и притисок. Производ е на искуството и ентузијазмот на тим инженери од Нетсетера. Ширењето зависи директно од инволвираноста на граѓаните или организациите, па затоа секој град има свој лидер одговорен за раст, одржување и квалитет на мрежата. О2 е иницијатива која се бори за здрава животна средина и го води skopje.pulse.eco. Заедничката цел е што поквалитетна платформа за следење различни загадувачи.

 

15:45 The Data I Breathe/МојВоздух – Горјан Јовановски

Горјан е од Скопје, а живее во Амстердам. Дипломира на ФИНКИ, а магистрира cum-laude на Универзитетот во Амстердам во 2016 и оттогаш, работи во Booking.com како софтверски инженер и тим-лидер. Како дел од 3000 екоактивисти низ Македонија, од 2014 година бара начин како да помогне околу проблемот со енормното загадување на воздухот. Комбинирајќи ја пасијата за технологија и зелена средина, во 2014 ја креира МојВоздух, апликација која го прикажува степенот на загадување низ целата земја. Со над 100.000 преземања, МојВоздух бргу ја дига јавната свест за загадувањето, а Горјан со неговата љубов за јавно говорење продолжува да ја шири приказната и надвор од границите на Македонија преку разни говори, на пример и неговиот TED-говор под наслов “The Data I Breathe”.

 

16:00 „Здравје пред профит за Центар“

е невладина организација која е активна веќе три години на територијата на Општина Центар. Таа произлезе од неформално здружување на граѓаните на Дебар Маало во борбата за заштита на јавните простори и јавниот интерес, здрава животна средина и хумано домување. Со секојдневните активности влијае врз политиките на локалната самоуправа инсистирајќи на транспарентност, партиципативност, добро владеење и инсистирање  на спроведување на сите законски пропишани права и правила за квалитетен и безбеден живот во една градска средина.

 

16:25 Проект НЕДЕЛАТА НА ИЗЛОЗИ

има цел да отвори дијалог помеѓу модните дизајнери и архитектите и да ја објасни потребата за убави излози, со што ќе ја подигне визуелната култура на градот на повисоко ниво. Една од главните цели на проектот е да се инспирира креативноста, да го стимулира вработувањето во креативниот сектор, да укаже на неопходноста од уредувањето на излозите, да стимулира нови практики и вештини кај младите луѓе за да можат да ги освојат локалните, но и интернационалните пазари.

 

17:00 Презентација на Фонд за иновации и технолошки развој

Мисијата на Фондот за иновации и технолошки развој е поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средните претпријатија за остварување забрзан технолошки развој, базиран на трансфер на знаење, на истражување за развој и на иновации што придонесуваат за создавање нови работни места и економски раст и развој, истовремено подобрувајќи ја бизнис-околината за развој на конкурентските способности на компаниите. Приоритети и цели на фондот се: подобрен пристап до финансиска поддршка за иновации и за технолошки развој и промовирање и поттикнување на иновациската дејност во Северна Македонија.

 

17:15-18.30 М3DS Академија за 3Д и Game Design

Работилница за 3Д-моделирање и 3Д-печатење за подигнување на нивото на едукацијата кај младите, како и збогатување на нивното знаење во областа на ИТ-технологиите. Целта на работилницата е да се разбуди љубопитноста кај младите за 3Д-моделирањето, анимацијата и нивниот удел во креирањето филмови и видеоигри, кои се растечки ИТ-струки. Учесниците во работилниците ќе научат како од идеја да дојдат до готов реален 3Д-модел (производ), кој е потребниот процес за да се финализира, како и негова изработка на современ 3Д-печатач со соодветни материјали. Воедно ќе се објасни како ваквиот тип 3Д-модели наоѓаат примена во реални проекти, игри и филмови, а и како 3Д-технологијата сè повеќе се вклучува и во други индустриски гранки.