Поп- ап стор

ПОП – АП СТОР

Со цел да се поддржат и промовираат домашни автори, „Скопје Креатива 2019” организира поп-ап стор (привремена продавница) како платформа за презентација на производи во полето на дизајнот, литературното и музичко издаваштво. Поп-ап сторот се организира во соработка со издавачката куќа „Бегемот“ и дискографската куќа „ПМГ Pекордингс“. Делот за дизајн, кој опфаќа моден дизајн и модни додатоци, дизајн и изработка на производ и применети уметности, содржински се развива преку јавен повик на заинтересирани учесници.

Во соработка со издавачка куќа „Бегемот“, во рамките на поп-ап сторот на фестивалот ќе се претстават изданија на македонските издавачки куќи: Бегемот, Темплум, Готен, Или-или, Антолог, Слово, Табахон, Артконект, ПНВ публикации.

„Бегемот“ е издавачка куќа основана во 2009 година и примарно посветена на објавување книжевна фикција. Корпусот објавени книги изнесува повеќе од 100 изданија соодветно организирани во неколку серии. Во нив се вброени автори од светскиот книжевен канон, како Борхес, Гомбрович, Шулц, Булгаков и Вајлд, како и современи автори кои ја дефинираат книжевноста на нашето време, како Алис Манро, Маргарет Атвуд и Шчепан Твардох. Сепак, покрај основната сосредоточеност на издавање прозна фикција, во „Бегемот“ посветуваат значително внимание на нестандардните жанровски потфати и на генерално помалку застапените книжевни жанрови, како литературна репортажа и литература за деца.

Во соработка со дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ во рамките на поп-ап сторот на фестивалот ќе се претстават изданија на македонските дискографски куќи: Шарла, ПМГ Рекордингс, Sixtynine Records.

„ПМГ Рекордингс“ е водечка независна дискографска куќа во Македонија која постои и работи од 1998 година. Од мал do it yourself label во изминативе 20 години прерасна во вистински дом на македонската нова алтернативна музичка сцена, станувајќи одговорна за издавање носачи на звук на македонски музичари и музички групи од новата генерација. Досега „ПМГ Рекордингс“ има издадено 164 изданија и за сите има одработено концертна промоција. „ПМГ Рекордингс“ произлезе од френетично активната, катадневна културна дејност на „ПМГ Колективот“, кој уште од 1995 година е одговорен за огромен број културолошки превирања и новини во Македонија. Невозможно е да се набројат настаните (концерти, забави, фестивали, театар, видео, изложби, радиодрами, филм итн.) или да се измери значењето на работата на оваа издавачка куќа/колектив. Се работи за постојана, секојдневна активност и резултати кои се очигледни, мерливи и за кои сега веќе може да се зборува од временска и критичка дистанца. https://pmgrecordings.com/