Afriqua [Берлин] + Мирко Попов диџеј сет

Afriqua – Берлин, диџеј настап

Afriqua е еден од највозбудливите надоаѓачки артисти на електронската танц-сцена во моментов. Оние што разбираат како стојат нештата на оваа сцена, знаат дека квалитетот е она што ги одвојува вистинските таленти од морето банални продуценти. Адам Лонгман Паркер или Afriqua поседува неисцрпни количества од тој квалитет, со кој за две глави стрчи од остатокот на денешната сцена. Претставник е на младата генерација композитори/продуценти со изграден звук/стил и неколку композиции кои веќе се доживуваат како класики, а тука, пред сè, се Chronic Cool, која овие 3 години е една од најбараните плочи на фетишизираниот винил-пазар. „Скопје Креатива“ се одлучи за овој, слободно речено cutting edge избор, со намера да ѝ покаже на домашната публика дека електронската денс-сцена е витална и свежа, а новата генерација има и тоа како што да каже. Afriqua е вистинскиот избор за реализирање на оваа наша намера и вистински современа сонична авантура за искусните уши на пребирливата скопска клупска публика.

Afriqua моментално е еден од најценетите продуценти на електронска музика. Тој создава музика со поглед кон иднината и „отворено уво“ кон минатото. Уште од најрана возраст се движи помеѓу навидум различните светови на класичната музика и хип-хопот, студира пијано истовремено развивајќи ги своите вештини како музички продуцент и диџеј. Роден и израснат во Вирџинија, САД, Afriqua бил инспириран од продукцијата на локалните легенди The Neptunes, Timbaland и Missy Elliot. Тој продолжил да студира на Кралската академија за музика во Лондон, притоа добивајќи основно образование за ноќен живот во институции (клубови) како Fabric и Plastic People. Се преселил во Берлин неколку години подоцна, прифаќајќи ги богатите музички понуди на градот. Некои од неговите изданија, на пример, “Chronic Cool”, се веќе признати светски класики на денс-сцената.

https://www.residentadvisor.net/dj/afriqua

https://www.discogs.com/artist/2797953-Afriqua

 

Мирко Попов, диџеј настап

Еден од круцијалните и највлијателни музички селектори кај нас во последниве 30 години. Неговата работа како радио (Канал 103) и клупски диџеј е незаобиколна во рамките на современата македонска (музичка) култура. Целиот животен и професионален век комплетно му го посветил на музиката: тој е композитор, продуцент, лиричар, диџеј, организатор на настани, издавач и директор на независната дискографска куќа „ПМГ рекордингс“, со над 170 изданија на современа македонска музика.

https://soundcloud.com/mirkopopov

 

Младински културен центар, 1 јуни, 23.00 часот