Пишуваме, цртаме, патуваме: Сакаме зелено Скопје со Билјана Црвенковска

„Пишуваме, цртаме, патуваме: Сакаме зелено Скопје“ со Билјана Црвенковска

„Пишуваме, цртаме, патуваме: Сакаме зелено Скопје“ е креативна работилница за деца од 6 до 9 години, која поттикнува креација и имагинација кај децата на една многу важна тема – зелено Скопје! Децата ќе имаат можност на оваа тема да пишуваат приказни и песнички, да цртаат цртежи во неколку техники, да прават колажи… Креативно пишување, цртање, сликање, читање и многу смеа и радост. Веднаш по завршувањето на работилницата сите творби ќе бидат изложени во просториите на Детскиот креативен центар во МКЦ.

 

Билјана Црвенковска е писателка, сценарист и преведувач, магистер по филозофски науки.

Црвенковска има повеќегодишно искуство како уредник на списанија, интернет-портали, издаваштво, универзитетски публикации, но и искуство во маркетинг и комуникации.

Автор е на еден стручен труд („Митски лавиринт“), два романа за деца („Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“), два хибриди од роман и графички роман за деца „ТКЦП: Канџа во мракот“ и „ТКЦП: Замокот на илјада мачки“, една графичка новела – „Девојчето кое танцуваше со пролетта” и голем број книги за деца (сликовници, книги со активности). Црвенковска е автор на сценаријата за анимираните филмови и сликовниците од серијалот „Светот на Биби“, а сценарист е и на сериите за деца „Пет плус фамилија“ и „Зоки Поки“ (во процес на продукција). Автор е на повеќе научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни. Учесник е на повеќе поетски читања. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Црвенковска се занимава и со едукација на деца и млади, држејќи курсеви и работилници по креативно пишување, цртање, драмска игра, креација и имагинација.