Млади и зелени со Колектив Ветерница

„Млади и зелени“ со „Колектив Ветерница“

Дводневна работилница под менторство на „Колектив Ветерница“ за невербален сценски израз која ќе обрне особено внимание на отелотворување на емоциите што децата ги чувствуваат во секојдневието во градот во кој живеат. Дали гледаат отпад? Кој го создава? Дали имаат доволно места за слободна игра?  Во оваа работилница преку практична работа во група ќе се запознаеме со телото како инструмент на израз преку користење техники од глума и театар, но и со изработка на костими и маски од рециклирани материјали. Преку вежби за мотивација на личен израз, основа на сценски техники за користење простор и движење во група, како и симболика на невербалниот израз ќе создадеме заедничко дело кое ќе зборува за квалитетот на живот на современите деца во Скопје.

„Колектив Ветерница“ е grassroot организација која веќе 6 години активно работи во полето на социјално ангажиран театар преку редовни часови за танцов театар за деца и млади, креативни работилници и различни граѓански иницијативи. Досега има поставено 17 театарски претстави „од деца за деца“ и „од друѓе за луѓе“ поставувајќи различен концепт на независен театар кој беше претставен со апстракт на симпозиумот Стеријно позорје, во кој особено внимание обрнавме на разликата помеѓу „аниматор“ и „едукатор“. „Колектив Ветерница“ негува хоризонтален пристап, заедничка соработка и одговорност во споделување знаења и идеи, верувајќи дека уметноста е огледало на секојдневното живеење и основна алатка за спознавањето и менувањето на себеси и на околината.