Кино утро и Кино под ѕвездите

„Кино утро“ и „Кино под ѕвездите“, 1948-1986, „Вардар филм“

Постоеше едно време во кое често се одеше на „Кино утро“ наместо на училиште или, пак, луѓето со огромно задоволство и речиси ритуално одеа на кино на отворено, да гледаат филмови проектирани на зградите околу плоштадите. Носталгија? Не, факт…

Во истото тоа време „Вардар филм“ снимаше документарни филмови за денес изумрени теми, фабрики, институции, настани, феномени, проблеми… 50-тите, 60-тите, 70-тите и 80-тите години од минатиот век за некои генерации се траги од спомени на живот кој веќе одамна не го живеат и кој како да го подзаборавиле. За родените подоцна, ова време е сосема туѓо и непознато. „Вардар филм“? Постоело такво нешто? – би прашал дваесетгодишникот од денешницата зачудено.

„Кино Култура“ и новиот тим на „Вардар филм“ прочепкаа по подрумите и таваните на минатото на овој некогашен филмски гигант и под слоевите застоена прашина го пронајдоа ковчежето со скриено богатство – запоставено, фрлено, заборавено…

Да ги оживееме тие записи и да се вратиме за миг во минатото, некои за да се потсетат, некои за да дознаат. Документарци, реклами, патописни репортажи, снимени во периодот од 1948 до 1986 година на „Кино утро“ и на „Кино под ѕвездите“