Екологии на градот

Екологии на градот

Архитектонскиот сегмент од фестивалот „Скопје Kреатива 2019“ има цел да го промисли терминот екологија преку серија дискусии, предавања, работилници и симулации. Темата екологија ја адресираме како поширок проект кој ја зема предвид меѓусебната релација на екологијата и урбанизацијата на многу нивоа – урбани и природни чинители и нивната релација со физичкиот контекст како вмрежена целина на хетерогени ентитети. Трите екологии (животната средина, социјалните релации и човечката субјективност) поставени од Феликс Гатари претставуваат алатки, модели и сензибилитет на градскиот контекст. Овие елементи ќе бидат симулирани во конкретен простор – МКЦ паркот, преку пронаоѓање на капацитетите на местото, а создавајќи подлога/инфраструктура за нивно зајакнување и вмрежување. Потенцијалите на МКЦ паркот ќе бидат истражени во форма на работилница преку програмско-продукциска и урбанистичко-архитектонска елаборација и ќе бидат експлицитно прикажани во форма на тело, односно структура која ќе има формален јазик соодветен на контекстот. Ова тело треба да претставува генератор на очекувани и неочекувани процеси во релација со Младинскиот културен центар, како и настани кои се комплетно автономни.

Оваа тема претставува особен предизвик во моменти кога термините екологија и град се максимално поедноставени во секојдневниот дискурс. Токму меѓусебната релација помеѓу општеството во кое живееме и екосистемот кој го населуваме како три различни размери на екологија кои се поврзани преку серија процеси претставува основа во однос на начинот на кој градиме објекти и градови.

Програмата се реализира во соработка со студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје од Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет и од Универзитетот „Американ Колеџ” од Скопје од Архитектонскиот факултет.

 

1 јуни, парк МКЦ, 19 часот – отворање на објектот